Поимник

Буџет е годишен план на приходи и други приливи и одобрени средства и ги вклучува централниот буџет и буџетите на фондовите.

Буџет на општините  е годишен план на приходи, други приливи и одобрени средства и ги вклучува основниот буџет, буџет на дотации, буџет на донации, буџетото на заеми и буџетот на самофинасирачки активности.

Основен буџет е годишен план на приходи, други приливи и одобрени средства со буџетот за финансирање на основните надлежности на буџетските корисници;

Буџет на донации е годишен план на приходите од донации и одобрените средства кои се користат строго наменски и согласно со договор склучен со донаторот;

Буџет на дотации е годишен план на приходите од дотации и одобрените средства кои се користат за финансирање на надлежностите на општината, за финансирање конкретна намена, надлежност, програми и инвестициони проекти;

Буџет на заеми е годишен план на приливи од заеми и одобрените средства кои се користат за финансирање на надлежност, програми и проекти;

Буџет на самофинансирачки активности е годишен план на приходите од активностите на буџетските корисници, односно единките корисници кои се дополнителни на основните активности дефинирани со закон и на одобрените средства;

Буџетски дефицит е негативна разлика меѓу планираните, односно наплатените приходи и одобрените средства, односно расходи;

Буџетски суфицит е позитивна разлика меѓу планираните, односно наплатените приходи и одобрените средства, односно расходи;

Трезор е организациона единица при Министерството за финансии која управува со Трезорската сметка и со други сметки на државата, а врши и други активности;

Трезорска сметка е сметка или систем на сметки управувани од страна на Трезорот, преку која се врши евиденција на наплатата на сите приливи и се извршуваат сите одливи на Буџетот на Република Македонија, на буџетите на општините и други институции согласно со закон;

Трезорска главна книга е официјален запис на податоците и трансакциите во врска со одобрените средства со буџетот, правото за трошење, пријавените преземени обврски, приливите и одливите за фискалната година на Буџетот на Република Македонија, на буџетите на општините и на другите институции согласно со закон;

Фондови  се: Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на македонија, Фонд за здравствено осигурување на Македонија, Фонд за магистрални и регионални патишта и Агенција за вработување на Република Македонија.

Приходи се даноци и други задолжителни плаќања утврдени со закон, приливи кои произлегуваат од сопственост на средства (камата, дивиденда, закупнина и слично), надоместоци за дадени добра или услуги, подароци, донации, субвенции и трансфери;

Други приливи се приливи од заеми, продажба на капитални средства, издадени државни хартии од вредност и друго;

Донации се неповратни средства добиени од влади на други држави или меѓународни организации, како и од домашни или странски правни или физички лица кои се користат за тековни или капитални расходи, согласно со условите и намените договорени со донаторот;

Дотации се трансфери од Буџетот на Република Македонија до буџетот на општината;

Заеми се повратни средства добиени по основа на задолжување кај домашни и странски заемодавачи, согласно со критериумите, постапките и со условите пропишани со закон;

Задолжување претставува постапка за создавање на финансиски обврски со склучување на договор за заем, издавање на државни хартии од вредност и обврски по активирани државни гаранции;

Одобрени средства со буџетот (во натамошниот текст: одобрени средства) претставуваат годишен максимален износ на право на трошење за буџетскиот корисник за утврдената намена;

Преземени обврски се обврски кои произлегуваат од склучени договори, нарачки и други документи кои предизвикуваат обврски за плаќање во некој иден период;

Расходи се сите плаќања (одливи) од буџетите за одобрени намени освен отплатата на главнината на заемите;

Други одливи се плаќањата за отплата на главнина на заеми;

Долгорочни права на трошење се утврдени средства кои се одобруваат во буџетите за наредните години;

Функционална област е збир на надлежности утврдени со закон кои буџетските корисници ги извршуваат во рамките на една област согласно со функционалната класификација;

Носител на функционална област е раководителот на буџетскиот корисник со највисок хиерархиски статус во функционалната област;

Буџетска класификација е хиерархиски приказ на шифрите наменети за класифицирање на функциите, организационите единици, активностите и економските трансакции на единствен и конзистентен начин;

Правото за трошење е распределба на дел од одобрените средства со буџетот на буџетскиот корисник и единката корисник, што произлегува од одобрените квартални и месечни финансиски планови;

Програма е збир од поврзани сродни активности и проекти насочени кон остварување на заедничка цел или цели.

Потпрограма е активност или проект кој е составен дел на програмата.

Фискална година. Буџетот на Република Македонија и буџетите на општините се однесуваат за период од една фискална година која изнесува 12 месеца и започнува од 1 јануари, а завршува на 31 декември.


План на приходи и други приливи. Планираните приходи и другите приливи се основа за утврдување на одобрените средства со буџетот. Планираните приходи и другите приливи се приходите и другите приливи на основниот буџет, приходите на буџетот на самофинансирачките активности, приходите на буџетот на донации,
приходите на буџетот на заеми и приходите и другите приливи на буџетите на фондовите и на општините.

Одобрени средства со буџетот. Буџетите ги содржат одобрените средства по
буџетски корисници и утврдени намени кои се однесуваат на финансирање на тековните, капиталните и другите расходи на буџетските корисници и нивните единки корисници за извршување на активностите претставени преку програми и потпрограми. Буџетските корисници не смеат да преземаат обврски или да направат расходи над одобрените средства со Буџетот на Република Македонија и буџетот на општината. Неискористените одобрени средства со буџетот престануваат да важат на 31 декември во тековната фискална година.

Средства од фондовите на Европската унија. Министерството за финансии е надлежно за управување со средствата добиени од Буџетот на Европската унија, согласно со одредбите и правилата на Европската унија за финансирање и склучување на договори.

Резерви. Во рамките на централниот буџет, односно на буџетот на општината се
планираат средства за непредвидени случаи како постојана и тековна буџетска резерва. Планираните средства за непредвидени случаи се наменети за покривање на расходи во случај на виша сила, елементарни непогоди и други непредвидени случаи, како и за програми кои во текот на подготовката на буџетите не можеле да бидат планирани. Постојаната и тековната буџетска резерва не можат да надминат 3% од вкупните тековни расходи на буџетот.

Задолжување. Критериумите, начинот, условите, ограничувањата и постапката за
задолжување се утврдуваат согласно со закон.

Буџетски класификации. Буџетските класификации се користат за идентификување на специфичните намени на буџетските средства, за контрола на наменското користење на одобрените средства со буџетот при извршувањето на
буџетот и за изготвување на потребните анализи, извештаи и годишната сметка.
- функционална класификација која претставува класификација на функциите на централната власт и општините согласно со прифатената меѓународна класификација пропишана од страна на Обединетите нации и
- програмска класификација која претставува структура на шифри за класифицирање на програмите и потпрограмите утврдени со буџетот.

ПОДГОТОВКА НА БУЏЕТИТЕ

Основа за подготвување на буџетите се стратешките приоритети на Владата на Република Македонија, Фискалната стратегија, предлогот на стратешките планови на буџетските корисници и буџетската политика, како и приоритетите на општините.
Градоначалникот е одговорен за подготвување на буџетот на општината и за неговото доставување до советот на општината.

Буџетски циркулар за општините. Буџетскиот циркулар на општините ги содржи следниве елементи:
- информациите за тековните и проценетите макроекономски индикатори
во Република Македонија,
- информацијата за процена на приходите во буџетската година кои се распределуваат меѓу Буџетот на Република Македонија и општините,
- стратешките приоритети на Владата на Република Македонија,
- посебните параметри кои ќе се користат за распределување на одобрениот удел од приходите од ДДВ на општините и
- информациите за одлуките на Владата на Република Македонија за наменски дотации, блок дотации и други дотации за општините утврдени со закон.

Вработувања на сметка на буџет. Буџетските корисници на средства од буџетите на општините можат да вработуваат нови работници и да пополнуваат испразнети работни места само под услов, ако за тоа се обезбедени средства во буџетите на општините. Притоа ќе се почитува принципот на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во општината.