Буџетските податоци од општина Центар достапни преку Фискален монитор

Општина Центар е шеснаесеттата општина која ја вклучуваме во буџетското мониторирање преку веб страната на Фискален монитор. Со тоа ја исправаме неправдата кон оваа општина, која иако е 16-та во Македонија по големина на население со 45.412 жители според последниот попис, сепак, како што можете да проверите на рангирањата на нашата веб страна (http://www.fiskalenmonitor.mk/?page=ranking), во неколку приходни и расходни ставки е на прво место во однос на сите други општини.
На пример, според издвојувањата за капитални расходи, Општина Центар има прогресивно зголемување во последните пет години за 463%. Во 2008 година општината потрошила 436,650,674 денари за оваа категорија, што е речиси двојно повеќе од второрангираната општина според оваа категорија, со потрошени 234,100,071 денари. Следната, 2009 година, Општина Центар потрошила 755,816,434 за оваа категорија (пораст за 73,1% во однос на претходната година), што било повеќе од двојно во однос на општината Охрид која таа година е на второ место во државата според потрошени средства за оваа категорија (300,063,022 денари). Во 2010 Центар за оваа категорија троши 735,771,647 денари, малку помалку во однос на претходната година, но повторно повеќе од двојно во однос на општината Струмица, која таа година била втора по потрошените средства за капитални расходи (301,063,270). Во 2011 Општина Центар има повторно фантастичен скок од  76,8% во потрошените средства за оваа категорија (1,300,835,402 денари) во однос на претходната година, што било за речиси четири пати повеќе од потрошените средства за оваа намена на второрангираната општина Охрид, која потрошила 277,221,251 денари. И во 2012 година, општината предвидела 2,022,989,600 денари, раст од 55,5% во однос на претходната година. Претпоставуваме дека точните бројки за 2012 година ќе бидат поинакви кога општината Центар ќе ја објави завршната сметка, но во секој случај овие податоци се доволно илустративни за тенденцијата. Патем, во рамки на капиталните расходи се вклучени ставките Купување на опрема и машини, градежни објекти, други градежни објекти, купување на мебел, вложувања и нефинансиски средства, купување на возила. Најголемиот дел од средствата кои оваа општина ги троши последниве години се наоѓаат во ставката други градежни објекти (поточно во потставките за изградба на мостови, споменици и други објекти).
Во однос на приходните категории, Центар неколку години е шампион меѓу македонските општини кај трансферите и донациите,  а неколку пати има најголеми суми и кај категориите Даночни приходи, Неданочни приходи и Капитални приходи.

Be Sociable, Share!
    This entry was posted in Актуелности. Bookmark the permalink.

    Comments are closed.