Чудниот случај со буџетското планирање на Општина Карпош

Деновиве Советот на Оштина Карпош го прифати вториот квартален буџетски извештај за извршување на Буџетот на општината. Од него може да се види дека во првите шест месеци од годината општината реализирала 18,2% од планираните приходи за целата година и ист толкав процент од планираните расходи. Притоа се реализирани само 11,4% од планираните капитални приходи и 6% од планираните капитални расходи. Со слабата реализација на капиталниот биланс се создава впечаток дека општината многу малку инвестира во развој и дека многу повеќе е посветена на непродуктивно создавање и трошење парични средства.

Меѓу таквите трошења особено се издвојува тоа што поголемиот дел од планираните расходи за месните самоуправи во општината се реализирани во многу повисок процент (над 60%), како и расходите за општинската администрација поврзани со патувања во странство и за репрезентација (над 50%). Но, убедливо најголема реализација во првата половина од годината имаат предвидените расходи за привремени вработувања кај општинската администрација – (69,6%), со што потрошените средства за оваа ставка (17.389.742 денари во рамките на општинската администрација и 11.165.914 за привремени вработувања во рамките на јавната чистота) ги надминуваат потрошените средства за плати и надоместоци кај општинската администрација во првите шест месеци – 24.597.505.

Повторно паѓа в очи чудното претенциозно планирање на приходите, и покрај тоа што веќе трета година по ред општината реализира се’ помал процент од проекциите. Во 2011 година буџетот на Карпош беше реализиран со околу 53% од планираното, а во 2012 година уште послабо – околу 49% (иако во текот на летото се направи ребаланс на буџетот, со кој наместо да се намалат проекциите за приходите – се зголемија за околу 250 илјади денари). Очигледно, наместо да извлечат поука од слабата реализација на буџетот и да ги намалат нереалните проекции, општинските власти во Карпош продолжуваат со уште поголеми проекции, па макар и да се намалува нивната реализација се’ повеќе, со можност повторно да се постигне рекордно ниската реализација од минатата година од под половина од планираното. Тоа ја става оваа општина на последно место меѓу општините во Македонија по менаџирање на буџетот, нешто што беше забележано и во минатогодишниот извештај на Државниот завод за ревизија кој го претставивме во рамките на овој блог. (http://fiskalenmonitor.mk/blog/nepravilnosti_vo_finansiskoto_rabotenje_na_opstinite_bitola_i_karpos/)

Be Sociable, Share!
    This entry was posted in Актуелности. Bookmark the permalink.

    Comments are closed.