Каде се усвоените локални буџети?

Познатата пракса на буџетската нетранспарентност на македонските општини продолжува. Иако поминаа веќе две недели од новата 2013 година, најголемиот дел од општините ги немаат објавено усвоените буџети за оваа година на своите веб страни. Веројатно по примерот на централната власт, која што се’ уште ја нема објавено завршната сметка за собраните и потрошените пари за 2011 година, властите во општините изгледа како да сметаат дека граѓаните нема потреба да знаат каде се трошеле и каде се планира да се трошат „јавните“ пари.
Единствените поголеми локални самоуправи кои на своите веб страни ги објавија изгласаните буџети за 2013 година се општините Прилеп, Карпош, Велес, Битола, Струга и Град Скопје. Општината Гази Баба го објави на својата веб страна предложениот буџет, со повик до граѓаните да дадат свои сугестии, но до сега  не објави информација дали е изгласан тој и таков предлог или можеби се направени некакви промени.
Од достапните податоци на веб страните на општините, Фискален монитор се обиде да направи една првична анализа за буџетските трендови во најголемите општини, која, секако, ќе биде поцелосна кога ќе бидат собрани сите изгласани буџети за 2013 година на поголемите општини и кога ќе бидат објавени нивните завршни сметки за 2012 година.
Она што прво се забележува се умерените планови за приходите во 2013 година кај поголем број од општините, односно претежно намалени приходи и расходи во однос на претходната година. Со исклучок на општините Кисела Вода, Штип, Прилеп, Велес и Гостивар, кои далеку пооптимистички гледаат на своите буџетски перформанси во оваа година, предвидувајќи раст на приходите над 10 проценти.
Во групата на оптимисти до некаде е и Општина Гази Баба, со планиран раст на приходите од 6,2%, а на расходите од 16,1% во однос на 2012 г., што ќе се одрази и на огромен раст на дефицитот на оваа општина годинава во споредба со претходната. Според предлогот на буџетот објавен на веб страната на општината на 6 декември 2012, во 2013 година Гази Баба ќе има приходи во висина од 786.720.000 денари (а во 2012, по ребалансот на буџетот, беа планирани 740.902.000 денари), а расходи од 877.304.000 (во 2012 планирани 755.734.000 денари). Тоа значи дека дефицитот годинава ќе достигне 90.584.000 денари, за разлика од планираните 14.832.000 денари во 2012 година. Ако се земе предвид дека над 50 проценти од приходите кои ги планира оваа општина годинава се водат под ставката 741 – Трансфери од други нивоа на власт, тогаш може да се заклучи дека оваа скопска општина сепак нема многу причини за оптимизам во однос на фискалната состојба во годинава што следи.
Меѓу општините оптимисти се вбројува и Прилеп, со проектиран раст на приходите од 10,2%, а на расходите за 9,5%, што би требало да доведе до намалување на дефицитот за 12,8% во однос на минатата година. Поконкретно, приходите се проектирани на 1.176.834.000 денари (за 2012 година со ребалансот на буџетот беа планирани приходи во висина од 1,068,379,000 денари), а расходите се проектирани на 1.204.134.000 (во 2012 г. 1,099,179,000 денари). Дефицитот од 27.300.000 денари е малку понизок од ланскиот, кој беше проектиран во износ од 30,800,000 денари). Како и во случајот со Општина Гази Баба, прилепскиот буџет предвидува многу високи 57,4 проценти од приходите  (607.517.000 денари) да дојдат преку трансфери од други нивоа на власт.
Слични проекции направиле и властите во Општина Велес, предвидувајќи раст на приходите од 15%, со тоа што 58,8% од приходите се предвидени преку ставката 741 – трансфери од други нивоа на власт. Но, за разлика од Прилеп, оваа општина има проектирано многу поголем пораст на расходите за 2013 година и исклучително голем пораст на дефицитот. Така, годинава Велес планира да има приходи од 749.385.615 денари, расходи од 814.665.988 денари (што е зголемување за 24,1% во однос на минатогодишните расходи кои со ребалансот на буџетот беа во износ од 656,555,887 денари) и дефицит од 65.280.373 денари (кој лани беше проектиран на 5 милиони денари).
За жал општините Штип и Гостивар се’ уште ги немаат објавено деталните буџети на своите веб страни, но од информациите кои беа објавени во медиумите, се очекува овие две општини да располагаат со многу поголеми средства годинава отколку лани. Од извештаите во медиумите можеше да се дознае дека Општина Штип усвоила буџет од 14 милиони евра (околу 860 милиони денари), што би значело дека ќе биде поголем за над 18 проценти во однос на минатогодишниот буџет, кој со ребалансот беше проектиран на 725.343.520 денари. Додека, пак, Општина Гостивар на својата веб страна информира дека буџетот за 2013 година ќе изнесува 1,117 милијарди денари  (околу 19 милиони евра), односно ќе биде за 16,4% повисок во однос на буџетот од 2012 година. Во истата вест се информира и дека раководителот на Одделението за финансии и буџет – Садри Елези, во образложението за буџетот, потенцирал дека иако изгледа амбициозен планираниот буџет, тој е сосема објективен и сигурно ќе се реализира на ниво од над 95%.
Сепак, најоптимистички раст на буџетот планира Општина Кисела Вода, која на веста објавена на официјалната веб страна информира дека приходите и расходите за 2013 година се проектирани на сумата 1.201.152.000 денари, што е раст на приходите од извонредни 21,6% во однос на планираните за 2012 година, а на расходите за 10,4%. Со ребалансот на буџетот за минатата година оваа општина планираше приходи од 987.560.578 денари и расходи од 1.087.560.578 денари. Во веста на веб страната на општината се тврди дека приходите на буџетот на општината за 2013 година се планирани согласно направената анализа на историските податоци и досегашниот тренд на наплата на разните групи на приходи како и предвидувањата за очекуваните приходи од надоместокот  за уредување на градежно земјиште, даноците на имот, донациите, блок дотациите за основните училишта и детските градинки и другите трансфери од буџетот на Р.Македонија како и буџетот на заеми за 2013 година. Во очекување службениот гласник со деталниот буџет да биде објавен на веб страната на општината (иако последниот службен гласник на веб страната е од јули 2012) се надеваме дека општината нема да биде меѓу првите општини кои ќе мораат да направат ребаланс на буџетот во 2013 година.
Од останатите општини чија работа Фискален монитор редовно ја следи, ги издвојуваме општините Карпош, Аеродром, Струмица и Битола како најумерени во проекциите. Карпош за 2013 планира приходи од 2.004.382.000 денари, кои се за 0,7% помалку од проектираните со ребалансот на буџетот за 2012 година. Расходите се проектирани на 2.000.882.000 денари, за 0,5% помалку од 2012, а суфицитот е проектиран на 3.500.000 денари, што е за 50% помалку од ланскиот планиран суфицит од 7 милиони денари. Во секој случај, оваа општина е добар пример за економично работење со буџетските средства, бидејќи е една од ретките општини кои редовно остварува суфицит и покрај многу нискиот процент на приходи преку трансфери од други нивоа на власт (за 2013 година планирани се 19,2% од вкупните приходи да бидат трансфери од други нивоа на власт).
За жал, Општина Аеродром доцни со објавувањето на буџетот на својата веб страна, па не можеме да ги презентираме и споредиме точните суми, но од она што  беше објавено во медиумите, се работи за буџет од околу 26,8 милиони евра (околу 1.650.000.000 денари), што е приближна сума на минатогодишните планирани 1.659.634.695 денари.
Општина Струмица ги проектира приходите за 2013 во висина од 1.102.873.915 денари, што е намалување од 1,6% во однос на претходниот буџет, а буџетот на Општина Битола за 2013 година е проектиран на 1.501.705.481 денари, што е намалување за 1,4% во однос на претходниот буџет. Битола е и една од ретките општини во Македонија која проектира приходите преку трансфери од други нивоа на власт да бидат под 50% од вкупните приходи, што влева оптимизам дека и оваа општина ќе успее да напредува во процесите на децентрализацијата.
Преку информациите во медиумите дознавме дека Општина Куманово ќе ги проектира приходите за 2013 година во висина од околу 1.690.000.000 денари, што е приближно исто со планираните 1,686,731,548 денари приходи за 2012 година, но овие информации секако треба да се почека да се потврдат, откако оваа општина ќе ги објави деталите на својата веб страна.
Меѓу поголемите општини кои ги презентираа деталните буџети на своите веб страни е и Општина Струга, која проектира приходи и расходи во висина од 750,043,000 (10,4% помалку во однос на 2012 г.).
Умерено намалување на приходите од 5,3% во однос на минатата година проектираа и властите на Град Скопје, кои планираат во 2013 година да соберат приходи во износ од 5.628.010.000 денари. Расходите се проектирани на 6.021.510.000 денари, што е за 10,5% помалку во однос на минатиот буџет на оваа единица на локална самоуправа.
Во очекување на објавувањето на усвоените буџети на останатите локални самоуправи, како и на завршните сметки за 2012 година, Фискален монитор ќе продолжи да ги следи буџетските процеси и во оваа година и редовно ќе ве информира за најбитните тенденции.

Be Sociable, Share!
    This entry was posted in Актуелности. Bookmark the permalink.

    Comments are closed.