Колку планираат општините да потрошат годинава за привремени вработувања?

Од достапните буџети на единиците на локалната самоуправа можат да се направат споредби помеѓу општините во однос на нивните планови за разни трошења во текот на годината. Овде ќе претставиме една споредба за трошоците што поголемите општини во Македонија планираат да ги потрошат за привремени вработувања 2014 година.
Буџетите на Куманово, Тетово, Кисела Вода и Чаир се уште не се достапни на нивните веб страни, па затоа податоците кои се презентираат овде се однесуваат на оние поголеми општини кои се потранспарентни во однос на буџетите. За поздравување е тоа што минативе денови Општина Струга ги објави службените гласници за 2013 година и со тоа станаа достапни буџетските податоци.
За привремени вработувања оваа година најмногу пари планира да потроши Општина Карпош – 80.300.000 денари, што е зголемување за околу 15 милиони денари во однос на потрошените средства за оваа намена во 2013 година. Притоа, се планира за потребите на општинската администрација годинава да се потрошат 50.000.000 денари за привремени вработувања (во 2013 г. беа потрошени 40.640.400), а за потребите на јавната чистота се планираат нови 30.000.000 денари (24.611.133 потрошени во 2013 г.). Годинава Општина Карпош планира да потроши 300.000 денари и за привремени вработувања во детските градинки, каде што минатата година немаа потрошено средства за оваа намена. Расходите за привремени вработувања на Општина Карпош претставуваат 4,1% во однос на вкупните планирани расходи за оваа година од 1.949.059.000 денари, но постои разумна основа да се верува дека овој процент ќе биде многу поголем поради тешката остварливост на планираниот буџет за оваа година (за што пишувавме во претходниот текст на овој блог). Во 2013 година, кога за привремени вработувања општината потрошила 65.251.633 денари, таа ставка опфатила 8,8% од вкупните расходи на општината за целата година, кои изнесувале 739.955.190 денари. А ако од вкупните расходи се одземат оние кои општината ги добива како дотации за основно образование и детски градинки од Владата на Република Македонија, ќе се добие открие дека над 15% од своите директни расходи, кои се во висина од 432.238.053 општинските власти во Карпош ги наменуваат за привремени вработувања.
Општина Струмица исто така планира значителен дел од својот буџет да потроши за привремени вработувања. Од планираните вкупни расходи на оваа општина во износ од 1.067.775.446 денари, за привремени вработувања се наменети 24.235.000 денари, или 2,3% од вкупниот буџет. Најмногу пари од оваа ставка ќе добијат детските градинки 9.386.000 денари, за потребите на основното образование се планираат 5.313.000 денари, за месна самоуправа 3.500.000 денари, за општинска администрација 3.000.000 денари, за средното образование 2.360.000 денари и за библиотекарство 674.000 денари.
Годинава Општина Центар планира да потроши 16.000.000 денари за привремени вработувања, и тоа сите за потребите на општинската администрација. Ако се знае дека вкупните расходи кои оваа општина ги проектирала за оваа година ќе достигнат 1.692.304.000 денари, тогаш испаѓа дека за привремените вработувања се планираат 0,9%.
Охрид планира 1,4% од вкупните расходи да потроши за оваа намена, т.е. 13.360.000 денари. Од нив, за детските градинки се наменети 6.560.000, за администрацијата 3.500.000 и за основното образование 3.300.000 денари. Битола ќе намени 0,8% од сите расходи, или 12.063.190 денари. Најголем дел од нив, 10.800.000 денари се наменети за општинската администрација, 600.000 денари за противпожарната заштита, 350.000 денари за домовите за стари лица, 200.000 денари за детските градинки и 113.190 денари за привремени вработувања во музејската и кинотечната дејност. Меѓу општините кои издвојуваат позначителен дел за оваа намена се и Гостивар и Струга. Во Гостивар се планирани 9.317.000 денари или 0,9% од вкупните расходи за годинава, сите за потребите на општинската администрација. А во Струга се планирани 9.140.000 денари, или 1,1% од вкупните расходи, од кои 8.000.000 за општинската администрација, а 1.140.000 за детските градинки.
Властите на Град Скопје планираат да потрошат 8.314.000 денари за привремени вработувања во 2014 година, кои претставуваат 0,2% од планираните вкупни расходи. Од нив за потребите на администрацијата ќе се потрошат 4.000.000 денари, за музичка и сценско-уметничка дејност 2.364.000 денари и за музејска и кинотечна дејност 1.950.000 денари.
Штип планира да потроши 4.042.000 денари за привремни вработувања (0,5% од вкупните расходи), Гази Баба 3.500.000 денари (0,4%), Прилеп 2.300.000 денари (0,2%), Велес 2.170.000 денари (0,3%) итн.
Куриозитетен е случајот на Општина Аеродром, која планира да потроши само 600.000 за привремени вработувања, и тоа за потребите на детски градинки, но претпоставуваме дека оваа општина ги прикажува трошоците за оваа намена за потребите на општинската администрација во некоја друга ставка, а не онаа која е јасно назначена за привремени вработувања и се води под бројот 427 во буџетските формулари.
Планирани расходи за привремени вработувања на единиците на локалната самоуправа во 2014 година
Карпош         80.300.000 денари
Струмица     24.235.000 денари
Центар         16.000.000 денари
Охрид           13.360.000 денари
Битола          12.063.190 денари
Гостивар        9.317.000 денари
Струга            9.140.000 денари
Скопје            8.314.000 денари
Штип              4.042.000 денари
Гази Баба      3.500.000 денари
Прилеп          2.300.000 денари
Велес            2.170.000 денари
Be Sociable, Share!
    This entry was posted in Актуелности. Bookmark the permalink.

    Comments are closed.