Ревизорите открија неправилности во финансиското работење на општините Битола и Карпош

Деновиве Државниот завод за ревизија ги објави извештаите од ревизијата на работењето на две поголеми општини – Битола и Карпош.  Овде ви пренесуваме дел од забелешките на ревизорите, а целосните извештаи можете да ги најдете на линкот: http://www.dzr.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=17&tabid=1113

За Општина Битола главните забелешки Државниот завод за ревизија се однесуваат на исплаќањето регрес за годишен одмор на вработените во Општината во вкупен износ од 1.194 илјади денари, со што се работело против Законот за државни службеници, кој не дозволува исплата на таков надоместок.
Општината во 2011 година исплатила 5.225 илјади денари на спортски клубови за развој на спортот без донесена програма, а за социјална помош општината исплатила 3.971 илјади денари без донесена програма за социјална заштита. Слично, без донесена програма, исплатени се 3.196 илјади денари на здруженија на граѓани и не биле објавени јавно имињата на здруженијата кои добиле пари, а ниту пак организациите кои добиле средства доставиле извештај до Општина Битола за користење на тие средства.
Покрај сево ова, констатирано е дека кај дел од јавни набавки не бил објавен оглас и не биле наведени количините на предметот на набавката, што не е во согласност со Законот за јавни набавки.
Главната забелешка кон Општина Карпош е значително ангажирање на привремено вработени лица во општинската администрација и за одржување на јавната чистота на територијата на општината, за кои Општината потрошила 8% од вкупните расходи во 2011 година. За потсетување, вработувањата на лицата преку Агенциите за привремени вработувања се врши без спроведување постапка за ангажирање лица и остава простор за субјективно одлучување при вработувањето.
Средствата предвидени за резерви на Општина Карпош за 2011 година во износ од 720 илјади денари не биле во согласност со намените и основите утврдени во законската регулатива. Овие средства биле исплаќани за спонзорства за учество на ликовен симпозиум, филмска проекција, спортски натпревари, студии, за купување на уметничко дело и биле доделувани по доставени поединечни барања, без утврдени услови и критериуми за нивно доделување.
Исто така, се забележува дека е потребна поголема транспарентност во рамки на финансирањето на проекти од областа на културата, спортот, детската, социјалната и здравствената заштита од интерес на Општината, бидејќи начинот и можноста за аплицирање за поединечни проекти не се јавно објавени со цел да се даде еднаква можност на сите предлагачи на проекти.
Во однос на остварувањето на буџетот во претходната година, ревизијата забележува дека само 39% од планираните приходи и расходи за 2011 година на Општина Карпош биле реализирани, што е значително отстапување, кое не е усогласено ниту со ребалансот на буџетот, што значи дека е нарушен принципот на добро менаџерско управување. Исто така, се забележува прелевање на средства од надоместокот за уредување на градежно земјиште кон капиталните расходи, што не е во согласност со законската регулатива и значи ненаменско трошење на средствата од буџетот на Општина Карпош.

Be Sociable, Share!
    This entry was posted in Актуелности. Bookmark the permalink.

    Comments are closed.