Општината Карпош некооперативна со „Фискален монитор“

Проектот Фискален Монитор е замислен како иницијатива за поголема транспарентност и отчетност на најголемите општини во Македонија и нивна отвореност за соработка со граѓанскиот сектор со цел граѓаните да можат да дојдат лесно до податоци во врска со начинот на трошењето на нивните пари. Почетната фаза на овој проект се состоеше од собирање на буџетите на најголемите општини во последните 5 години (2008-2012) и завршните сметки од 2008 до 2011 година. Најпрво се обративме до службениците од Министерството за финансии, кои веднаш одбија да ни ги достават овие документи со образложение дека во однос на овие прашања тие не се надлежни и дека треба овие информации да си ги бараме од властите во општините. Соработката со општините, пак, зависи претежно од волјата на локалните власти и администрации за отвореност и ажурност. Така, некои општини ги  имаат сите податоци кои ни беа потребни за Фискален Монитор на нивните веб страни. На пример, за Битола, сите буџети и завршни сметки можевме да ги најдеме на нивната веб страна, додека за Аеродром, Гази Баба, Прилеп, Штип скоро сите податоци ги имаше на нивните веб страни, но сепак, некои документи недостасуваа, па преку контактите со нивните службеници задолжени за буџетот ги добивме тие податоци. Општините Струга, Велес, Тетово, Куманово, Чаир, Гостивар ги немаа голем дел од буџетските документи на своите веб страни и нивните службеници ни ги доставија по електронска пошта или ни пратија фотокопии по пошта. Понекогаш некои од овие служби беа недоволно расположени за соработка и покрај честите молби, па моравме да се обраќаме и до „повисоки инстанци“ или да пишуваме молби за да ги одоброволиме (вклучително и официјални барања за пристап до информации), но најважно е тоа што на крајот, по тримесечен период, конечно ги имаме без малку сите документи кои ги сметавме неопходни за почеток на функционирање на оваа веб страна, преку која ќе можете да ги споредувате најголемите општини според приходите и расходите по посебни ставки и да ги видите рангирањата според тоа со колку пари располагаат или колку трошат за разни потреби по глава на жител.
На наше големо разочарување најтешка комуникација остваривме со Општина Карпош, општина која во едно претходно наше истражување беше рангирана меѓу десетте најтранспарентни општини во Македонија. За жал, овој пат службениците од оваа општина задолжени за буџетски прашања и за односи со јавност не покажаа подготвеност за соработка со нас, иако веруваме дека документите (петте буџети и четирите завршни сметки) кои ги побаравме можат за не повеќе од еден час да ги соберат и да ни ги достават по електронска пошта. Дотолку повеќе што сите тие документи се објавени во службените гласници на општината и потребно е само да бидат фотокопирани или скенирани и да ни бидат доставени. Нашиот обид да ги добиеме овие податоци преку службените гласници кои се достапни на веб страната на општината не беше целосно успешен, бидејќи на таа веб страна недостасуваат неколку службени гласници во кои би требало да бидат присутни завршните сметки (обично во некое издание од почетокот на годината) и буџетите усвоени од советот на општината (најчесто во последното годишно издание на службениот гласник).

Be Sociable, Share!
    This entry was posted in Актуелности. Bookmark the permalink.

    Comments are closed.