Ревизорите открија неправилности во финансиското работење на општините Битола и Карпош

Деновиве Државниот завод за ревизија ги објави извештаите од ревизијата на работењето на две поголеми општини – Битола и Карпош.  Овде ви пренесуваме дел од забелешките на ревизорите, а целосните извештаи можете да ги најдете на линкот: http://www.dzr.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=17&tabid=1113

За Општина Битола главните забелешки Државниот завод за ревизија се однесуваат на исплаќањето регрес за годишен одмор на вработените во Општината во вкупен износ од 1.194 илјади денари, со што се работело против Законот за државни службеници, кој не дозволува исплата на таков надоместок.
Општината во 2011 година исплатила 5.225 илјади денари на спортски клубови за развој на спортот без донесена програма, а за социјална помош општината исплатила 3.971 илјади денари без донесена програма за социјална заштита. Слично, без донесена програма, исплатени се 3.196 илјади денари на здруженија на граѓани и не биле објавени јавно имињата на здруженијата кои добиле пари, а ниту пак организациите кои добиле средства доставиле извештај до Општина Битола за користење на тие средства.
Покрај сево ова, констатирано е дека кај дел од јавни набавки не бил објавен оглас и не биле наведени количините на предметот на набавката, што не е во согласност со Законот за јавни набавки.
Главната забелешка кон Општина Карпош е значително ангажирање на привремено вработени лица во општинската администрација и за одржување на јавната чистота на територијата на општината, за кои Општината потрошила 8% од вкупните расходи во 2011 година. За потсетување, вработувањата на лицата преку Агенциите за привремени вработувања се врши без спроведување постапка за ангажирање лица и остава простор за субјективно одлучување при вработувањето.
Средствата предвидени за резерви на Општина Карпош за 2011 година во износ од 720 илјади денари не биле во согласност со намените и основите утврдени во законската регулатива. Овие средства биле исплаќани за спонзорства за учество на ликовен симпозиум, филмска проекција, спортски натпревари, студии, за купување на уметничко дело и биле доделувани по доставени поединечни барања, без утврдени услови и критериуми за нивно доделување.
Исто така, се забележува дека е потребна поголема транспарентност во рамки на финансирањето на проекти од областа на културата, спортот, детската, социјалната и здравствената заштита од интерес на Општината, бидејќи начинот и можноста за аплицирање за поединечни проекти не се јавно објавени со цел да се даде еднаква можност на сите предлагачи на проекти.
Во однос на остварувањето на буџетот во претходната година, ревизијата забележува дека само 39% од планираните приходи и расходи за 2011 година на Општина Карпош биле реализирани, што е значително отстапување, кое не е усогласено ниту со ребалансот на буџетот, што значи дека е нарушен принципот на добро менаџерско управување. Исто така, се забележува прелевање на средства од надоместокот за уредување на градежно земјиште кон капиталните расходи, што не е во согласност со законската регулатива и значи ненаменско трошење на средствата од буџетот на Општина Карпош.

Posted in Актуелности | Leave a comment

Општина Велес го намали буџетот за 4,4 проценти

Советот на Општина Велес на седницата одржана на 15 ноември донесе одлука да го измени и дополни буџетот на општината. Според усвоените измени, вкупните приходи се намалуваат за 4,4% од претходно планираните и сега изнесуваат 651,555,887 денари. Најголемо намалување има кај даночните приходи, од околу 32%, и тие сега се проектираат на 124,449,934 денари, наместо претходните 164,183,266 денари.
Истовремено, планираните расходи за годинава се намалени за 10% – од претходно проектираните 722,263,477 денари, на 656,555,887 денари, што значи и дека дефицитот се планира да биде за 37 милиони денари помал отколку претходно планираниот од 42,000,000 денари.

Posted in Актуелности | Leave a comment

Ребаланси на општинските буџети во 2012

Следејќи ги буџетските активности на најголемите општини во Македонија, Фискален монитор редовно врши проверка на веб страните на општините и нивните службени гласници. Од достапните извори кај потранспарентните општини, кои редовно ги ажурираат своите веб страни и уредно ги објавуваат информациите во службените гласници, може да се направат споредби за реализирањето на буџетските активности во тековната година.
Една од најилустративните активности за добивање информации за буџетското остварување во годината е постапката на измена и дополнување на буџетот во тековната фискална година или т.н. ребаланс на буџетот. Ребаланс прават голем дел од општините, понекогаш и повеќе од еднаш во годината, со цел да се прилагодат тековните приходи со новонастанатите трошоци или да се корегираат проекциите во случај на променети приливи на приходи.
Ако се споредат буџетските планирања и завршните сметки на најголемите општини во последниве години, може да се забележи еден редовен тренд на преамбициозно планирање на приходите за наредната година, кои речиси секогаш завршуваат со нивна помала реализација на крајот на годината.
Претпоставуваме дека и годинава ќе се повтори истата ситуација (општините Аеродром, Прилеп и Штип го потврдија тоа), иако неколку општини во нивните ребаланси предвидоа зголемени приходи за тековната година. Така, на пример, Општина Кисела Вода со ребалансот од 27 јуни проектираше зголемени приходи за 8,3% во однос на планираните 911.543.478 денари на почетокот на годината и сега се работи со буџет од 987.560.578 денари. Сепак, оваа општина проектира и зголемени расходи од 9,1% во однос на планираните од почетокот на годината, што на крај би требало да резултира со зголемен дефицит од 17,6%, или наместо првично планираниот дефицит од 85.000.000 денари, со ребалансот од јуни е предвидено дефицитот да изнесува 100.000.000 денари (види табели подолу).
Отприлика во исто време со Кисела Вода и Општината Гази Баба направи ребаланс на буџетот (29 јуни). Со него оваа општина предвиде зголемување на приходите за 1.5% – од првично планираните 730.129.000 денари, на 740.902.000 денари, но сепак, дефицитот од 14.832.000 остана ист и со ребалансот, што значи дека за истата сума се предвидува и зголемување на расходите на општината за тековната година.
Во јули имавме еден редок пример една општина да го намали планираниот дефицит за тековната година. Така, Општина Струмица ја корегираше проекцијата од почетокот на годината за дефицит од 60.000.000 и со ребалансот од 6 јули дефицитот е 0 (нула) денари. Планираните приходи од 973.224.111 денари се зголемија за 15,1% и сега општината предвидува дека ќе оствари приходи од 1.120.209.441 денари. И расходите се планираат да бидат поголеми за 8,4%, од 1.033.224.111 на 1.120.209.441 денари.
Неколку дена подоцна и Општина Аеродром направи корекција на вкупните приходи и расходи за оваа година, намалувајќи ги проекциите за приходите и расходите за 7,6%. Ако на почетокот на годината оваа општина оперираше со планирани приходи и расходи во висина од 1.785.746.126 денари, сега таа сума е 1.659.634.695 денари.
По годишните одмори прва општина која направи ребаланс беше Општина Карпош, која е една од ретките општини кои планира годинава да направи буџетски суфицит. Со ребалансот оваа општина ги зголеми проекциите за приходите за 14,2% – од првично планираните 1,768,402,000 денари на 2,018,848,000 денари и малку повеќе на расходите – од 1.758.902.000 денари на 2,011,848,000 денари, со што планираниот суфицит на почетокот на годината од 9.500.000 денари се намали на 7,000,000 денари.
Ден подоцна и Советот на Општина Битола донесе одлука да го измени и дополни буџетот за 2012 година, зголемувајќи ги приходите и расходите за 10,3% – од првично планираните приходи и расходи во висина од 1.379.732.776 денари на 1.521.994.320 денари.
Во септември Општина Прилеп направи промена на буџетот, намалувајќи ја проекцијата за приходите во 2012 година од 1,073,871,000 денари на 1,068,379,000 денари и зголемувајќи ја проекцијата за расходи од 1,073,871,000 денари на 1,099,179,000 денари, што значи дека општината ќе направи дефицит од 30,800,000.
Последна голема општина која направи ребаланс беше Општина Штип, која на 9 октомври ги намали проекциите за приходната и расходната страна на буџетот за околу 17 милиони денари. Така, наместо проектираните приходи од 742,279,520 денари на почетокот на годината, сега тие се проектирани на 725.343.520 денари, а наместо проектираните расходи од 832.723.520 денари на почетокот на годината, сега се работи според проекција од 815.787.520 за расходи. Дефицитот останува како што беше и првично планиран – на 90.444.000 денари.
Бидејќи има уште доволно време за да се направат и нови ребаланси на општинските буџети, Фискален монитор ќе ве информира за секоја нова промена, а кога ќе се објават и завршните сметки на општините ќе анализираме колку биле правилни нивните проекции и какви се трендовите во однос на исполнувањето на буџетските планови во последните пет години.

Кисела Вода (Службен гласник 7/2012) Буџет 01/01/2012 Ребаланс 27/06/12 Промена %
Приходи 911.543.478 987.560.578 +8,3%
Расходи 996.543.478 1.087.560.578 +9,1%
Дефицит -85.000.000 -100.000.000 +17,6%

 

Гази Баба(Службен гласник 6/2012) Буџет 01/01/12 Ребаланс 29/06/2012 Промена %
Приходи 730.129.000 740.902.000 +1.5%
Расходи 744.961.000 755.734.000 +1,4%
Дефицит -14.832.000 -14.832.000

 

Струмица(Службен гласник 16/2012) Буџет 01/01/12 Ребаланс 06/07/2012 Промена %
Приходи 973.224.111 1.120.209.441 +15,1%
Расходи 1.033.224.111 1.120.209.441 +8,4%
Дефицит – 60.000.000 0

 

Аеродром(Службен гласник 16/2012) Буџет 01/01/12 Ребаланс 13/07/2012 Промена %
Приходи 1.785.746.126 1.659.634.695 -7,6%
Расходи 1.785.746.126 1.659.634.695 -7,6%
Дефицит 0 0

 

Карпош(Службен гласник 10/2012) Буџет 01/01/12 Ребаланс 30/08/2012 Промена %
Приходи 1,768,402,000 2,018,848,000 +14,2%
Расходи 1.758.902.000 2,011,848,000 +14,4%
Суфицит + 9.500.000 + 7,000,000 -35,7%

 

Битола Буџет 01/01/12 Ребаланс 31/08/2012 Промена %
Приходи 1.379.732.776 1.521.994.320 +10,3%
Расходи 1.379.732.776 1.521.994.320 +10,3%
Дефицит 0 0

 

Прилеп(Службен гласник 10/2012) Буџет 01/01/12 Ребаланс 13/09/2012 Промена %
Приходи 1,073,871,000 1,068,379,000 -0,5%
Расходи 1,073,871,000 1,099,179,000 +2,3%
Дефицит 0 – 30,800,000

 

Штип(Службен гласник 13/2012) Буџет 01/01/12 Ребаланс 09/10/2012 Промена %
Приходи 742,279,520 725.343.520 -2,3%
Расходи 832.723.520 815.787.520 -2,1%
Дефицит -90.444.000 -90.444.000
Posted in Актуелности | Leave a comment

Почна постапка за ребаланс на буџетот на Општина Штип

Комисијата за финансирање, буџет и ЛЕР на Општина Штип ги прифати  предлог-измените и дополнувањето на буџетот на Општина Штип, со кои се предвидува намалување на приходната и на расходната страна.
Дополнувањата се со цел буџетот да биде оптимален и да се прилагоди на новата состојба заради помалку пари во буџетот од предвиденото.
Со новиот ребаланс штипскиот основен буџет се намали за над 5%. Општината собрала 750.000 евра помалку од планираното, при што најголемо потфрлање има кај даночните приходи кои годинава се во минус од 700.000 евра, а 50.000 евра помалку се собрани од т.н. неданочни приходи.
Финансиската дупка ја пополнуваат 490.000 евра капитални приходи кои годинава се наплатени повеќе од лани.
Со новиот ребаланс на буџетот се намалуваат пари во ставките изготвување на урбанистички планови за 120.000 евра, но за сметка на ова се зголемува ставката за договорни услуги за 58.000 евра и за одржување на патишта за 50.000 евра.

Извори: www.stip.gov.mk и ТВ Стар

Posted in Актуелности | Leave a comment

Општина Прилеп го намали буџетот за 2 отсто

Општина Прилеп во септември направи прв ребаланс на буџетот за оваа година, намалувајќи ги проекциите за 2 отсто или од 464 милиони денари на 455 милиони денари.
Со ребалансот кај даночните приходи има намалување за 57,7 милиони денари или за околу 20 отсто.
Намалување од очекуваниот прилив за 25 отсто или за 3 милиони денари има кај неданочните приходи, пред се кај административните такси.
Од друга страна, со ребалансот на годинашниов буџет на Прилеп, за повеќе од половина се зголемуваат капиталните приходи. Така, општинската каса сега може да смета на вкупно 138 милиони денари. Тоа се приходите од легализацијата на дивоградбите и од концесиите.
Од Локалната самоуправа посочуваат дека нема да има нови вработувања, а планираните средства за тоа, 5,9 милиони денари ќе се користат во ставките за капитални стоки и услуги.
Општината ќе им даде и повеќе субвенции на јавните претпријатија „Комуналец”, „Пазари”, ЈП за урбанистичко планирање.

Извор: Денешен весник

Posted in Актуелности | Leave a comment