Пет големи општини немаат волја да ги објават буџетите

Иако поминува веќе вториот месец од годинава, голем дел од општините на своите официјални веб страни сѐ уште ги немаат објавено буџетите кои нивните општински совети ги изгласале во декември минатата година. Куманово, Тетово, Кисела Вода, Струга и Чаир се меѓу поголемите општини кои не ја оствариле таа обврска кон своите граѓани. Тоа се отприлика истите општини кои и претходните две години, додека Фискален монитор ги следи буџетските процеси во најголемите општини, немаат желба или потреба редовно да ги ажурираат податоците за тоа колку пари собираат и трошат во име на граѓаните. Од нив единствено Куманово и Кисела Вода ги објавуваат службените гласници на официјалните веб страни, но со големо задоцнување. Во службените гласници можат да се најдат буџетите, кварталните извештаи за остварувањето на буџетите, ребалансите на буџетите и завршните сметки, па се надеваме дека во поскоро време ќе ги стават на веб страните и оние службени гласници кои се објавени на крајот на минатата година, во кои обично се претставени и буџетите за идната.

Куманово и Тетово, како две од трите најголеми единици на локалната самоуправи во Македонија (покрај Град Скопје), располагаат со буџети од по околу 1,7 милијарди денари (по околу 28 милиони евра) и директно се одговорни за трошење на парите наменети за локалните потреби на околу една десетина од македонското население (околу 200.000 граѓани). Ако властите на толку големи и важни локални самоуправи немаат волја редовно да ги информираат граѓаните за што се наменети парите со кои менаџираат во нивно име и потоа поминуваат неказнето, тогаш веројатно проблемот не е во властите, туку во граѓанското (не)разбирање на демократијата и на потребата од отчетност на власта.

А веќе е време општините да ги објават завршните сметки за 2013 година во кои ќе информираат колку од она што планирале да го потрошат за минатата година го потрошиле и за што. Таму ќе ја видиме вистинската слика за буџетската ефикасност, за разлика од она што го гледаме во проектираните (и ребалансираните) буџети, кои често претставуваат само посакувани, но нереални желби.

Од достапните буџети на веб страните на најголемите општини, но и од информациите кои ги забележавме во средствата за информирање (со исклучок на Општина Чаир, за која не најдовме ни во медиумите вест за буџетот), може да се направи следното рангирање на единиците на локалната самоуправа според големината на проектираниот буџет за 2014 година:

1. Скопје                    5.339.000.000 денари (дефицит 254.000.000)

2. Карпош                  1.949.059.000 денари (дефицит 0)

3. Тетово                    1,7 милијарди денари (не ја знаеме точната сума, во медиумите се појави сума од 28 милиони евра)

4. Центар                    1,692.304.000 (дефицит 160.000.000)

5. Куманово               1,68 милијарди денари (исто како во случајот со Тетово, оваа информација е добиена од медиумите)

6. Битола                    1.441.008.579 (дефицит 0)

7. Аеродром               1.398.529.000 (дефицит 0)

8. Прилеп                   1,085.873.000 (дефицит 48.536.000)

9. Струмица               1, 067.775,446 денари  (дефицит 0)

10. Гостивар              1,012,617 (дефицит – 47,000,000)

11. Кисела Вода        961.080.000 (информација од медиумите)

12. Гази Баба             961.060.000 (дефицит 70.600.000)

13. Охрид                   960.300.000 (дефицит 120.000.000)

14. Штип                    866.949.780 (суфицит 2.500.000)

15. Струга                  858 милиони денари (информација од медиумите)

16. Велес                    766.034.773 (дефицит – 29.430.373)

17. Кичево                 698.182.693 (дефицит -18.569.146)

Од нив, според достапните податоци, проектирани се следниве основни буџети (во нив не влегуваат сумите за трансферите, дотациите, донациите, кредитите и сл.):

Скопје                        3.283.000.000 денари

Карпош                      1.567.928.000 денари

Центар                        1.224.512.000 денари

Аеродром                    956.673.000 денари

Битола                        691.868.916  денари

Струмица                    523.575.000 денари

Штип                           466.300.000 денари

Охрид                         456,461,000 денари

Прилеп                        410.000.000 денари

Гази Баба                    401.940.000 денари

Гостивар                     389.500.000 денари

Велес                           296.895.000 денари

Кичево                        263.245.000 денари

Од друга страна, треба со голема резерва да се земат податоците кои се однесуваат на Општина Карпош, која и оваа година проектира премногу претенциозен буџет, иако три години по ред не може да реализира ни половина од проектираното (а за 2013 година реализацијата тешко дека ќе надмине и 40% од планираното). И за разлика од другите кои го користат инструментот ребаланс за приспособување на проекциите за тековната година со тенденциите за полнење и трошење на буџетот, Општина Карпош во 2013 г. не се потруди да понуди такво нешто. А имаше огромна потреба од тоа, бидејќи по трите квартали резултатите јасно покажуваа дека планираното се реализира катастрофално, освен за некои ставки како оние за привремени вработувања, расходи за репрезентација, купување моторни возила и слично, за кои реализацијата е поголема од планираното. Но, општината која ја менаџира Стевче Јакимовски изгледа дека нема намера да промени нешто во однос на планирањето (ако веќе очигледно не може да промени во однос на реализацијата), бидејќи иако и пред две години кога Државниот завод за ревизија го истакна слабото буџетско менаџирање, и минатата година се повтори истото, а по сѐ изгледа ќе се повтори истата ситуација и оваа година. А како што веројатно постои мерак за големи суми, не би не изненадило доколку за следната година оваа скопска општина изгласа поголем буџет од тој на Град Скопје.

Be Sociable, Share!
    This entry was posted in Актуелности. Bookmark the permalink.

    Comments are closed.