Ребаланси на општинските буџети во 2012

Следејќи ги буџетските активности на најголемите општини во Македонија, Фискален монитор редовно врши проверка на веб страните на општините и нивните службени гласници. Од достапните извори кај потранспарентните општини, кои редовно ги ажурираат своите веб страни и уредно ги објавуваат информациите во службените гласници, може да се направат споредби за реализирањето на буџетските активности во тековната година.
Една од најилустративните активности за добивање информации за буџетското остварување во годината е постапката на измена и дополнување на буџетот во тековната фискална година или т.н. ребаланс на буџетот. Ребаланс прават голем дел од општините, понекогаш и повеќе од еднаш во годината, со цел да се прилагодат тековните приходи со новонастанатите трошоци или да се корегираат проекциите во случај на променети приливи на приходи.
Ако се споредат буџетските планирања и завршните сметки на најголемите општини во последниве години, може да се забележи еден редовен тренд на преамбициозно планирање на приходите за наредната година, кои речиси секогаш завршуваат со нивна помала реализација на крајот на годината.
Претпоставуваме дека и годинава ќе се повтори истата ситуација (општините Аеродром, Прилеп и Штип го потврдија тоа), иако неколку општини во нивните ребаланси предвидоа зголемени приходи за тековната година. Така, на пример, Општина Кисела Вода со ребалансот од 27 јуни проектираше зголемени приходи за 8,3% во однос на планираните 911.543.478 денари на почетокот на годината и сега се работи со буџет од 987.560.578 денари. Сепак, оваа општина проектира и зголемени расходи од 9,1% во однос на планираните од почетокот на годината, што на крај би требало да резултира со зголемен дефицит од 17,6%, или наместо првично планираниот дефицит од 85.000.000 денари, со ребалансот од јуни е предвидено дефицитот да изнесува 100.000.000 денари (види табели подолу).
Отприлика во исто време со Кисела Вода и Општината Гази Баба направи ребаланс на буџетот (29 јуни). Со него оваа општина предвиде зголемување на приходите за 1.5% – од првично планираните 730.129.000 денари, на 740.902.000 денари, но сепак, дефицитот од 14.832.000 остана ист и со ребалансот, што значи дека за истата сума се предвидува и зголемување на расходите на општината за тековната година.
Во јули имавме еден редок пример една општина да го намали планираниот дефицит за тековната година. Така, Општина Струмица ја корегираше проекцијата од почетокот на годината за дефицит од 60.000.000 и со ребалансот од 6 јули дефицитот е 0 (нула) денари. Планираните приходи од 973.224.111 денари се зголемија за 15,1% и сега општината предвидува дека ќе оствари приходи од 1.120.209.441 денари. И расходите се планираат да бидат поголеми за 8,4%, од 1.033.224.111 на 1.120.209.441 денари.
Неколку дена подоцна и Општина Аеродром направи корекција на вкупните приходи и расходи за оваа година, намалувајќи ги проекциите за приходите и расходите за 7,6%. Ако на почетокот на годината оваа општина оперираше со планирани приходи и расходи во висина од 1.785.746.126 денари, сега таа сума е 1.659.634.695 денари.
По годишните одмори прва општина која направи ребаланс беше Општина Карпош, која е една од ретките општини кои планира годинава да направи буџетски суфицит. Со ребалансот оваа општина ги зголеми проекциите за приходите за 14,2% – од првично планираните 1,768,402,000 денари на 2,018,848,000 денари и малку повеќе на расходите – од 1.758.902.000 денари на 2,011,848,000 денари, со што планираниот суфицит на почетокот на годината од 9.500.000 денари се намали на 7,000,000 денари.
Ден подоцна и Советот на Општина Битола донесе одлука да го измени и дополни буџетот за 2012 година, зголемувајќи ги приходите и расходите за 10,3% – од првично планираните приходи и расходи во висина од 1.379.732.776 денари на 1.521.994.320 денари.
Во септември Општина Прилеп направи промена на буџетот, намалувајќи ја проекцијата за приходите во 2012 година од 1,073,871,000 денари на 1,068,379,000 денари и зголемувајќи ја проекцијата за расходи од 1,073,871,000 денари на 1,099,179,000 денари, што значи дека општината ќе направи дефицит од 30,800,000.
Последна голема општина која направи ребаланс беше Општина Штип, која на 9 октомври ги намали проекциите за приходната и расходната страна на буџетот за околу 17 милиони денари. Така, наместо проектираните приходи од 742,279,520 денари на почетокот на годината, сега тие се проектирани на 725.343.520 денари, а наместо проектираните расходи од 832.723.520 денари на почетокот на годината, сега се работи според проекција од 815.787.520 за расходи. Дефицитот останува како што беше и првично планиран – на 90.444.000 денари.
Бидејќи има уште доволно време за да се направат и нови ребаланси на општинските буџети, Фискален монитор ќе ве информира за секоја нова промена, а кога ќе се објават и завршните сметки на општините ќе анализираме колку биле правилни нивните проекции и какви се трендовите во однос на исполнувањето на буџетските планови во последните пет години.

Кисела Вода (Службен гласник 7/2012) Буџет 01/01/2012 Ребаланс 27/06/12 Промена %
Приходи 911.543.478 987.560.578 +8,3%
Расходи 996.543.478 1.087.560.578 +9,1%
Дефицит -85.000.000 -100.000.000 +17,6%

 

Гази Баба(Службен гласник 6/2012) Буџет 01/01/12 Ребаланс 29/06/2012 Промена %
Приходи 730.129.000 740.902.000 +1.5%
Расходи 744.961.000 755.734.000 +1,4%
Дефицит -14.832.000 -14.832.000

 

Струмица(Службен гласник 16/2012) Буџет 01/01/12 Ребаланс 06/07/2012 Промена %
Приходи 973.224.111 1.120.209.441 +15,1%
Расходи 1.033.224.111 1.120.209.441 +8,4%
Дефицит – 60.000.000 0

 

Аеродром(Службен гласник 16/2012) Буџет 01/01/12 Ребаланс 13/07/2012 Промена %
Приходи 1.785.746.126 1.659.634.695 -7,6%
Расходи 1.785.746.126 1.659.634.695 -7,6%
Дефицит 0 0

 

Карпош(Службен гласник 10/2012) Буџет 01/01/12 Ребаланс 30/08/2012 Промена %
Приходи 1,768,402,000 2,018,848,000 +14,2%
Расходи 1.758.902.000 2,011,848,000 +14,4%
Суфицит + 9.500.000 + 7,000,000 -35,7%

 

Битола Буџет 01/01/12 Ребаланс 31/08/2012 Промена %
Приходи 1.379.732.776 1.521.994.320 +10,3%
Расходи 1.379.732.776 1.521.994.320 +10,3%
Дефицит 0 0

 

Прилеп(Службен гласник 10/2012) Буџет 01/01/12 Ребаланс 13/09/2012 Промена %
Приходи 1,073,871,000 1,068,379,000 -0,5%
Расходи 1,073,871,000 1,099,179,000 +2,3%
Дефицит 0 – 30,800,000

 

Штип(Службен гласник 13/2012) Буџет 01/01/12 Ребаланс 09/10/2012 Промена %
Приходи 742,279,520 725.343.520 -2,3%
Расходи 832.723.520 815.787.520 -2,1%
Дефицит -90.444.000 -90.444.000
Be Sociable, Share!
    This entry was posted in Актуелности. Bookmark the permalink.

    Comments are closed.